Анализа на спроведувањето на законската рамка за кривични дела од омраза и кривично санкциониран говор на омраза во Република Северна Македонија, за периодот јануари 2019 – јуни 2024

Измените на Кривичниот законик од 2019 година, со кои првпат беше воведена дефиниција за кривично дело сторено од омраза и омразата беше препознаена како отежнувачка околност при извршување кривични дела, претставуваа значаен чекор кон посилна заштита од инциденти мотивирани од омраза.
Анализата ја оценува ефективноста и применливоста на законите за дела од омраза и говор на омраза во Северна Македонија во период од пет години (јануари 2019 – јуни 2024). Таа разгледува како институциите за спроведување на законот и судството ги применуваат овие прописи, ги идентификува клучните празнини и предлага насоки за подобрување. Во трудот се користи комбиниран пристап – квантитативни податоци од повеќе од 50 институции, вклучувајќи 78 обвиненија и судски одлуки (од кои 64 се квалификувани како дела од омраза), како и правна анализа.
Иако законската рамка е солидна, анализата укажува на предизвици во доследното спроведување, идентификацијата на случаите и институционалната координација. Извештајот посочува што функционира, а што бара подобрување, и предлага јасни чекори за поефикасни закони за дела од омраза и посилна заштита на ранливите категории.
Ставовите, мислењата, заклучоците и останатите информации изразени во овој документ, не мора да го изразуваат ставот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), освен доколку не е експлицитно наведено дека ОБСЕ е автор на документот.